Општина Штип на чело со градоначалникот Јорданов, втора година по ред доделува средства без транспарентно да објави дали се запазени критериумите наведени според методологијата, а во врска со доделените финансиски средства на здруженија и НВО од страна на Општина Штип, објавуваат од СДСМ Штип.

Советничката Маријана Рогожарска Поповска прашува како е можно само седум здруженија да дознаат за овогодинешниот повик за доделување средства.

„Останува симптоматично како само седум здруженија успеале да дознаат дека имаме јавен повик што се однесува на сите граѓански здруженија и невладиниот сектор и како истите се валоризирани сите да ги остваруваат критериумите и да добијат определена сума и износ, прашува во своето обраќање на Советот на Општина Штип советничката од СДСМ Маријана Рогожарска Поповска.

„Втора година по ред, Општина Штип и градоначалникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Иван Јорданов, спроведува крајно нетранспарентна постапка за доделување на финансиски средства за проекти на здруженија на граѓани и фондации преку која се одлеваат 1.195.000 денари од општинската каса. Јавниот повик со број 09-2127/1 од 21.03 2023 година, го нема ниту на веб страницара на општината ниту пак на огласната табла, каде што наводно бил објавен согласно кажувањата на претставници на општината“ велат од СДСМ Штип.

Појаснуваат дека до советниците пристигнала само конечна ранг листа на здруженија на кои ќе им бидат доделени средства, записник од наводното јавно отворање на апликациите од страна комисијата која е формирана со одлука на градоначалникот како и наратив за која е целта на одобрените проекти.

„Во прилог недостигаат апликациите и документите на здруженијата кои согласно методологијата изгласана од страна на Советот на Општина Штип во 2019 година треба да се достават.
И покрај конкретно барање на еден од советниците да се достави целокупната документација и за минатата и за оваа година, преку институтот советнички прашања како и преку барање во материјална расправа по точката, документацијата не е доставена.

Очигледно само тричлената комисија назначена од Јорданов „смее да знае” кои се активностите и динамиката на реализација на проектот како и кој е интересот на заедницата од нивната реализација.
Посочената усвоена методологија од 2019 година, содржи конкретни елементи врз основа на кои треба да се врши валоризацијата и бодувањето, а согласно тоа и висината на средствата кои ќе се доделат“, потенцираат од СДСМ Штип.

Превземено од Фронтлине.мк