Поплавени домови и улици, излеани реки и голема материјална штета остави зад себе невремето со обилен дожд што зафати повеќе делови на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Невремето предизвикаа поплави и проблеми во северниот и североисточниот дел на земјата, како и на островот Лезбос.
Во регионот Тракија, Противпожарната служба на Грција, во текот на вчерашниот ден примила 210 повици за помош, а било интервенирано за 52 лица да бидат префрлени на безбедна локација.
Најобилни врнежи од дожд, 97 милиметри на метар квадратен, биле регистрирани во селото Метаксадес кај Еврос во североисточниот дел на Грција.
Во Солун и околината, затворени беа неколку локални патишта, а се излеа и реката Галикос, како и реката Пињос во близина на Лариса, но и на автопатот што ги поврзува градовите Трикала и Кардица.
Од вечерва, според официјалниот сајт на Националната опсерваторија во Атина, Грција ќе биде зафатена од невремето „Леандрос“ што ќе донесе студен бран, ниски температури и снег.