Попладнево избувна голем пожар кај ресенското село Долно Дупени, во непосредна близина на Преспанското Езеро. Благодарение на брзата реакција на екипите на Територијалната противпожарна единица Ресен, викендиците и куќите од селото се спасени од огнената стихија. Моментално, огнот се движи кон непристапен терен, каде што гаснењето е отежнато.

Два ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување веќе се вклучени во акцијата, а поради високите температури, полициски хеликоптер ќе се приклучи во 16:30 часот. На терен се и жители од селото, кои помагаат на пожарникарите во локализацијата на пожарот.

Ситуацијата е под контрола во делот каде што има објекти. Нема опасност по куќите и викендиците, но борбата продолжува на непристапниот планински терен. Авијацијата ни помага значително, а апелирам до сите граѓани да бидат внимателни и да не предизвикуваат нови пожари – изјави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов./Макфакс

Текстот Попладнево избувна голем пожар кај ресенското село Долно Дупени е превземен од МАКФАКС.