Пописот на населението продолжува со брзо темпо. Во Кичево на почетокот на пописот имаше низа технички проблеми но сега се е средено. При една посета во оваа општина, директорот на ДЗС, Иљми Селами рече дека во Кичево до сега се попишале 22 илјади граѓани.
„До сега се некаде околу 22 илјади лица кои се попишале и се надеваме дека следниве денови, бидејќи веќе стекнаа рутина и попишувачите и комисијата овде, се надевам дека работата ќе тече брзо и до крајот на пописот сите ќе се попишат со брз интензитет“, посочи Иљми Селами.
Што се однесува до пописот на дијаспората тој рече дека по одложувањето на пописот, ритамот видно опадна, но според Селами има и други проблеми, бидејќи апликацијата за попис на дијаспората цело време е цел на хакерски напади. Тој побара од печалбарите, да им ги испратат матичните броеви на нивните роднини и да се попишат овде заедно со роднините.
„Има проблем и со веб страницата и со апликацијата за попис на дијаспората, има постојани хакерски напади на таа веб страница. Затоа велам, да бидеме сигурни за се, би апелирал до нашите сограѓани кои се на печалба, да не чекаат да се попишат на апликацијата но нека ги испратат нивните матични броеви на нивните блиски овде во РСМ и попишувачите ќе ги попишат заедно со нивните роднини“, додава Иљми Селами.
На територија на цела држава бројот на попишани достигна над 1 милион. Пописот на населението , домаќинствата и становите во РСМ кој официјално почна на 5 септември, ќе трае до 30 септември.