Државниот институт за статистика на Албанија, ИНСТАТ, вечерва соопшти дека пописот на населението и домаќинствата, што требаше да заврши на 30 овој месец, продолжува до15 следниот месец.
Во соопштението на ИНСТАТ, се наведува дека „околу 3 отсто од подрачјата на целата територија на Република Албанија се уште се не попишани, затоа рокот се продолжува за уште 15 дена”.
-Институтот за статистика ја информира јавноста и медиумите дека активноста на пописот на населението и домаќинствата, распространет на целата територија на Република Албанија, на крајот од периодот предвиден за работа на терен, бележи позитивен напредок. Во овој период на вратите на семејствата тропнаа околу 5.240 попишувачи, кои позитивно се одзваа на нашиот повик да се ангажираат за учество во пописните активности, се наведува во соопштението.
Пописниот формулар содржи 100 прашања а само три од нив етничка и религиска припадност и мајчин јазик се незадолжителни.
Оваа значајна статистичка операција официјално започна на 18 минатиот месец а податоците собрани на терен, ќе бидат обработени, анализирани и објавени во форма на официјална статистика во јуни идната година.
Ова е 12. попис по ред на населението во историјата на Албанија, првиот е спроведен во 1923 година, а последниот во 2011 година.