Бугарија има шанса да го реализира својот потенцијал како енергетски центар во Југоисточна Европа. Ова во Софија го изјави поранешниот американски државен секретар Мајк Помпео.

Тој зборуваше на предавање на тема „Геополитичкото значење на Бугарија: по инвазијата на Украина и потенцијалот на Бугарија како регионален енергетски лидер“ организирано од Конфедерацијата на работодавачи и индустријалци во Бугарија (КРИБ) , пренесува Нова ТВ.

„Само затоа што вашата земја одлучи да одбие да плати во рубљи, Путин им нареди на своите нафтени картели да престанат да ве снабдуваат“, рече Помпео. Според него, крајот на испораките на Бугарија ги соочи бизнисите со изгледи да немаат сигурен извор на енергија. Напуштајќи ја нуклеарната енергија и јагленот и веднаш преминувајќи кон извори на енергија потпирајќи се на сонцето и ветерот, „ги предадовме сопствените народи“, додаде тој.

„Можеме да зацртаме нов пат и уверен сум дека Бугарија ќе го направи тоа“, рече Помпео, додавајќи дека одговорот за проблемите со снабдувањето со енергија не треба да се бара во странство, туку овде, вклучително и преку потенцијалот за екстракција на гас од шкрилци. На бугарската економија и требаат 3 милијарди кубни метри гас годишно, а земјата има наоѓалишта од 500 милијарди кубни метри, рече Помпео.

„Современите фракинг технологии за екстракција на гас од шкрилци се многу почисти од руската нафта. Не дозволувајте тесноградите, лошо информирани активисти да ја уништат иднината на вашите народи“, повика Помпео.