Полицијата поднесе кривична пријава против помошник на министерот за внатрешни работи, раководител на Одделот за дисциплински и судски постапки, затоа што незаконски зимал надоместок за прекувремени работни часови како и една бонус плата со што го оштетил буџетот на МВР за над 100.000 денари.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Љ.Р. поради постоење на основи на сомнение дека пријавениот сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување.
Пријавениот, како помошник на министерот за внатрешни работи, раководител на Одделот за дисциплински и судски постапки, ја искористил својата службена положба или овластување, односно ги пречекорил границите на своето службено овластување.
Тој за месеците јуни, јули, август, септември, ноември и декември 2023 година, врз основа на списоци за евиденција на прекувремени работни часови и листа на работници од Одделот за дисциплински и судски постапки кои ги исполнуваат услови за исплата на бонус плата за 2023 година која лично ја одобрил, во отсуство на писмени наредби за реализирани часови работа со кои бил задолжен да извршува работи и задачи повеќе од полното работно време, се стекнал со парични средства на име работа подолга од полното работно време во износ од 80.134 денари и бонус плата за 2023 година во износ од 36.614 денари или вкупна противправна имотна корист во износ од 116.748 денари на штета на буџетот на МВР.
Текстот Помошник на министерот за внатрешни работи незаконски зел надоместоци за прекувремена работа и бонус плата е превземен од МАКФАКС.