Предлог законот за недела неработен ден пратениците ќе го гласаат без да ги слушнат мислењата и ставовите на работниците. Ова законско решение ја помина првата фаза во комисијата за труд и социјална политика откако пратениците се изјаснија дека нема потреба од организирање на јавна дебата. Синдикатите остро реагираа зошто не биле повикани како претставници на работниците да ги кажат своите ставови.

Advertisements

“Сојузот на синдикатите на Македонија уште еднаш укажува дека не е поканет на седницата за да може во името на работниците да ги пренесе нивните ставови во врска прогласувањето недела како неработен ден. На пратениците им укажуваме дека зголемувањето на додатокот на плата за работа во недела, според ССМ , треба да изнесува најмалку 100 проценти за секој час поминат на работа во недела“, реагираа од Сојузот на синдикати.

Од опозициската ВМРО- ДПМНЕ обвинија дека владејачкото мнозинство одбило да организира јавна расправа која на пратениците ќе им помогнела да донесат правилно решение.

„Денеска видовме еден добар театар од страна на министерката дека ја подржува јавната расправа но од друга страна парламентарното мнозинство многу лесно го одби нашиот предлог. Станува збор за многу значајно законско решение за кое што ние како пратеници не би можеле да донесе правилна одлука ако не ги слушнеме синдикатите, стопанските комори и сите засегнати страни“, рече Благица Ласовска -пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.

За министерката за труд, Јагода Шахпаска, мислењето на синдикатите е слушнато и тие со нетрпение чекаат ова законско решение да се имплементира.

„Јас искрено немам проблем од јавна расправа јас кажав дека не ја носам одлуката. Би сакала да ги чуете вие синдикатите кога ќе излезат со нивните ставови тие бараат ден поскоро да се имплементира законското решенија“, рече Шахпаска.

Недела неработен ден ќе почне да се применува од први октомври. Во недела ќе може да работат дејности кои не можат да го прекинат работниот процес. Работниците во овие дејности кои ќе работат во недела ќе добијат дневница најмалку 50 проценти повисока од редовната дневница и слободен ден што ќе го користат во наредните седум дена.

Андреа Чобанова