Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во Скопје и во болниците низ земјава е 586 и има околу 860 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 344 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 33 пациенти позитивни и суспектни на Ковид 19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 39 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 6 пациенти, во Велес се лекуваат 48 болни, а во Куманово 57 пациенти позитивни и суспектни на Ковид 19.
Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 40 пациенти, во Прилеп 27, во ковид центарот во Гостивар 10, а во Струга 14 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 28 пациент, во Кочани 15 во Кичево 5, Кавадарци 16, а во Гевгелија 6 лица позитивни и суспектни на корона вирусот.
Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 12 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 242 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град.
Во последното деноноќие, на Интерните клиники имало 3 приеми.
Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 5 примени пациенти и 3 биле примени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 34 оздравени пациенти. Во ковид центрите на Интерните клиники се лекуваат 68 пациенти.
Во ГОБ 8 Септември има вкупно 89 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 80 пациенти, додека на Иститутот за белодробни заболувања кај децата-Козле има 4 пациенти. На Клиниката за детски болести има едно дете позитивно на Ковид 19 вирусот.
Вкупно 242 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.
Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 300 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.