Полскиот претседател Карол Навроцки му порача на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, дека Русија не ги почитува договорите и дека на рускиот претседател Владимир Путин не може да му се верува, изјави раководителот на Бирото за меѓународна политика при Канцеларијата на полскиот претседател, Марцин Пшидач.

Пшидач во емисијата „Дебата Гоздири“ изјави дека Навроцки го пренел ова директно на Трамп за време на видеоконференцијата одржана по средбата на Трамп со украинскиот претседател Володимир Зеленски во резиденцијата Мар-а-Лаго, каде што се дискутираше за мировниот план за Украина, објави порталот „Полсат њуз“.

„На Владимир Путин не треба да му се верува – тоа беше кажано директно“, рече Пшидач.

Според него, Навроцки може да игра значајна улога во идните американско-руски разговори, бидејќи Трамп обрнува внимание на ставовите на соговорниците кои тој лично ги почитува.

Тој додаде дека ова може да го намали влијанието на, како што рече, „проруските наративи во Белата куќа“.

Пшидач се осврна и на внатрешните прашања во Полска, наведувајќи дека владата го менува својот пристап во спорот околу назначувањето службеници во безбедносните служби.

Тој потврди дека ќе има средба меѓу претставници на претседателот, Министерството за одбрана и координаторот на тајните служби, Томаш Сјемоњак.

Пшидач оцени дека министерот за одбрана Владислав Косињак-Камиш е подготвен за соработка и изрази надеж дека сличен пристап ќе се примени и во односите меѓу Претседателската палата и Министерството за надворешни работи, особено кога станува збор за назначување амбасадори.

Текстот Полскиот претседател го предупредува Трамп: Не му верувајте на Путин е превземен од МАКФАКС.