Полска предупреди дека Европската Унија не треба избрзано да ги обновува дипломатските канали со рускиот претседател Владимир Путин, нагласувајќи дека секој иден контакт со Москва мора да се води исклучиво преку институциите на Унијата.

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски изјави во Брисел дека ЕУ веќе има јасна контакт-точка со Русија преку високата претставничка за надворешна политика Каја Калас и дека не треба да се создаваат нови механизми или посредници кои би можеле да го ослабат притисокот врз Кремљ.

„ЕУ веќе има свој глас. Тоа е Каја Калас“, рече Сикорски, додавајќи дека секој разговор со Москва мора да биде цврсто втемелен во заедничката политика на ЕУ, а не во иницијативи на поединечни земји.

Тој оцени дека „времето за разговор со Путин ќе дојде, но тоа не е денес“, предупредувајќи дека Европа не смее да наседне на, како што рече, триковите на Кремљ.

Дебатата се отвори откако францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони ја споменаа можноста за обновување директни комуникации со Москва, речиси четири години по почетокот на војната во Украина.

Фото: Depositphotos

Текстот Полска: Времето за разговор со Путин ќе дојде, но не сега е превземен од МАКФАКС.