Полска ќе продолжи да плаќа за „Старлинк“ за Украинците, изјави министерот за дигитални прашања Кшиштоф Гавковски по извештаите во медиумите дека САД би можеле да ја исклучат „Старлинк“ од воена Украина, пренесува полската ТВП.

Старлинк е мобилен рутер кој овозможува пристап до сателитски интернет, од кој украинската војска зависи за комуникација на бојното поле. Мрежата е во сопственост на американскиот милијардер Илон Маск, кој моментално го предводи новоформираното американско Министерство за ефикасност на владата.

Тројца извори запознаени со ова прашање денеска изјавија за Ројтерс дека американските претставници кои бараат пристап до клучните минерали во Украина почнале да се закануваат со „неизбежно исклучување“ доколку не се постигне договор.

Таа закана ја упати и Кит Келог, американскиот пратеник за Украина и Русија, за време на разговорите во Киев во четвртокот.

Нацртот на првиот договор бараше Украина да обезбеди на САД 50 отсто од профитот од експлоатацијата на ретки метали и други природни ресурси. Првата верзија на договорот предвидува и сите спорови да се решаваат на суд во Њујорк.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го отфрли првичниот договор.

Извор на Ројтерс рече дека загубата на „Старлинк“, која обезбедува поврзување за војската и клучната инфраструктура, ќе биде „тежок удар“ за украинската војска.

Гавковски реагираше на извештајот на Ројтерс на социјалната мрежа Икс. Тој напиша дека Полска е таа што ги купила уредите „Старлинк“ и ги предала на Украина.

„Ние плаќаме и ќе продолжиме да плаќаме претплата за сателитски интернет за Украина. Не можам да замислам дека некој ќе одлучи да го раскине деловен договор за комерцијална услуга во која Полска е страна“, додаде тој.

Во 2024 година, полското Министерство за дигитални прашања изјави дека финансирало 20.000 терминали на „Старлинк“. Исто така, го финансира одржувањето на овие системи на постојана основа.