Голем број граѓани од различни региони на Македонија утрово пријавија неочекуван прекин на електричната енергија, кој започнал нешто по 5 часот. Поплаките најпрво се појавија на социјалните мрежи, каде корисници од различни градови наведоа дека останале без струја.
Според неофицијалните информации, прекин на снабдувањето бил регистриран во повеќе градови низ земјава, меѓу кои Кичево, Прилеп, Битола, Охрид, Штип, Струмица, Кочани, Крушево и други. Засега нема официјално соопштение од надлежните институции за причините за прекинот, ниту пак на веб-страницата на електродистрибутивната компанија беше објавена најава за непланирано исклучување.
Од утринските часови, околу 7:00 часот, граѓани од дел од засегнатите региони информираа дека напојувањето со електрична енергија постепено се нормализира.
Од ЕВН Македонија нѐ информираа дека повеќе детали за овој дефект треба да бидат соопштени од МЕПСО, па поради тоа се очекува во текот на денот оттаму да излезат со повеќе информации за причините за прекинот и дали станува збор за дефект или друг вид на прекин во системот.