Европската комисија (ЕК) претстави нова стратегија за Црното Море, која ќе овозможи подобрен транспорт на тешка воена опрема во регионот, заради руската закана за Источна Европа, пренесува БГНЕС.
„Безбедноста во Црното Море е од витално значење и за европската безбедност“, изјави на прес-конференција шефицата на европската дипломатија Каја Калас, додавајќи дека во моментов таа е поткопувана од тоталната војна на Кремљ против Украина и хибридните напади врз морската инфраструктура.
Стратегијата е и одговор на „геополитичките предизвици“ во свет каде „зависноста се претвора во оружје“, изјави Марта Кос, комесарката за проширување на ЕУ. Црното Море е мост кон Јужен Кавказ и Централна Азија, како и витална артерија за трговијата со енергија и храна, истакна таа, цитирана од „Политико“.
Регионот на Црното Море е дестабилизиран од руската инвазија во Украина. Масовната употреба на мини и воените дејства ја отежнаа трговијата. Покрај тоа, земјите од Источна Европа се загрижени од понатамошна агресија од Москва надвор од Украина и бараат зголемување на своите одбранбени капацитети.
Романија и Бугарија се земјите-членки на ЕУ на брегот на Црното Море, и блокот ќе инвестира во модернизација на регионалната инфраструктура, како пристаништа, железнички линии и аеродроми, за да може да се транспортира тешка воена опрема. Ова ќе помогне да се осигура дека „војските можат да бидат таму каде што се потребни, кога се потребни“, изјави Калас.
Според европскиот комесар за транспорт, Апостолос Цицикостас, модернизацијата на транспортната инфраструктура за воени цели низ цела Европа ќе чини околу 75 милијарди евра.
ЕУ планира, исто така, да воспостави Центар за морска безбедност на Црното Море, кој ќе служи како систем за рано предупредување на Европа во регионот. Калас изјави дека центарот ќе ја зголеми свесноста за ситуацијата и ќе и помогне на ЕУ да ја заштити својата критична инфраструктура. Локацијата на центарот, неговиот модел на работа и трошоците сè уште не се определени, додаде таа.
Друга мерка за безбедност е засилениот надзор на странскиот сопственички удел во пристаништата и другите клучни објекти, истакна Калас.
Во областа на трговијата, ЕУ ќе развие нови енергетски коридори, транспортни врски и дигитална инфраструктура со регионалните партнери, вели Кос. Блокот ќе инвестира и во подготвеноста на крајбрежните заедници и морската економија да се справат со еколошките штети поврзани со војната и да одговорат на ризиците од климатските промени.
„Во целиот свет, земјите бараат соработка со сигурни и предвидливи партнери, каков што е ЕУ“, изјави Кос. „Ваквите партнерства ќе нè направат побезбедни како целина и ќе создадат бизнис можности за сите“, додаде таа.
Комисијата истакна дека Украина, Молдавија, Грузија, Турција, Ерменија и Азербејџан се партнери со кои сака да воспостави потесни врски преку новата стратегија.