Централната пречистителна станица во Скопје, која се најавува со години, сè уште не е почната да се гради. Не е завршена ниту изградбата на колекторскиот систем кој треба да ги собере отпадните води од скопската канализација кои сега се исфрлаат директно во Вардар. Водата е толку загадена што не смее да се користи за ништо, освен ако не биде претходно прочистена. А систем за тоа, сè уште нема.

„Управувањето со водите е една од најкомплексните материи. Се предвидуваше дека 1 милијарда евра ќе требаат за соодветно управување со водите во нашата земја, па оттука секоја Влада гледа да го ескивира тој проект, и да го компензира со површни решенија и парцијални проекти. Еден од нив е и пречистителната страница во Скопје која гледаме дека се гради веќе скоро десетина години. Тоа, само по себе укажува за степенот на политичка свест кај носителите на одлуки“, вели Кирил Ристовски, од Центарот за еколошка демократија Флорoзон за Радиомоф.

Скопската пречистителна станица треба да се гради на површина од 13 хектари, во општина Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар, во областа Трубарево. Вкупната вредност на проектот е 136 милиони евра. Од нив 68 милиони евра се обезбедени со кредит од Европската инвестициона банка (ЕИБ) која одобри и грант од дополнителни 10 милиони евра. Уште 58 милиони евра се обезбедени преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Целата постапка оди преку ЈП „Водовод и канализација“ Скопје.

„Тоа е децениски проблем кој ниту една досегашна Влада не се обиде да го реши на конзистентен начин и дозволи сите отпадни води, не само од домаќинствата, туку и од инсталациите, да се испуштаат во реката Вардар, без никаков третман“, вели Ристовски.