Пишува: СЕФЕР ТАХИРИ
Во современата политичка историја на Северна Македонија, по независноста на земјата, темата за интеграција во Европската Унија е на врвот на политичката агенда, како од институционалната призма, така и во партискиот дискурс. Оваа тема е примарна, се обработува од различни аспекти, но честопати е доминирана од билатералните односи на Македонија со Атина и Софија поради нејзиното влијание врз името и идентитетскиот корпус на македонскиот народ.
Но, да видиме како медиумите известуваа за процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ во последниот период? Дали се промени политичкиот и партискиот дискурс, во споредба со периодот по усвојувањето на „Францускиот предлог“ како рамка за продолжување на преговорите за членство во ЕУ? До кој степен албанскиот политички блок во владата – коалицијата ВЛЕН и Европскиот (национален) фронт во опозиција – вршат притисок за усвојување на уставните измени? Зошто македонските власти упатуваат тешки обвинувања против Бујар Османи за „продажба на македонскиот идентитет“ во преговорите со Бугарија? Кој е владиниот наратив, особено оној на премиерот Мицкоски, што се користи во однос на бугарската страна? Дали вокабуларот помеѓу Скопјe и Софија стана поостар и како тоа се одразува врз билатералните односи?
Намален интерес на медиумите за процесот на интеграција
Во последно време, по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2024 година, интензитетот на медиумскиот интерес значително се намали, бидејќи процесот на интеграција е во статус кво. Ова се должи на фактот што македонската владејачка страна одбива да гласа за уставните измени, тврдејќи дека тие нема да бидат последното барање на бугарската страна и дека условувањата ќе продолжат, сериозно влијаејќи врз етничкиот, културниот, а особено јазичниот идентитет на македонскиот народ.
Оваа цврста и јасна позиција е артикулирана преку премиерот Христијан Мицкоски, кој отворено изјави дека „Бугарија сака да ја уништи македонската нација и идентитет” и затоа во иднина не сака да чуе за барањето Бугарите да станат дел од Уставот на земјата, како што е предвидено во Преговарачката рамка за членство на Северна Македонија во Европската Унија, позната како „Француски предлог“. Во документот се наведува дека „Советот ја поздравува намерата на Северна Македонија, да започне и приоритетно да ги постигне релевантните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓаните кои живеат во рамките на границите на државата и кои се дел од други народи, како што се Бугарите“. Изјавите на премиерот, иако дадени за внатрешно-политички потреби, односно во функција на комуникација и стратешки партиски и владин пи-ар, се на линија на непризнавање на „Францускиот предлог“, што практично значи отфрлање на Преговарачката рамка со ЕУ.
Премиерот има доминантна улога во обликувањето на политичката и медиумската агенда
Медиумите на македонски јазик им даваат значителен простор на изјавите на премиерот, честопати без да ги контекстуализираат или без критички и аналитички пристап. Веќе подолго време и традиционалните медиуми, но особено онлајн медиумите, се задоволуваат со својата трансмисивна функција, односно со пренесување на изјавите, понекогаш давајќи им сензационалистичка боја, што се прави за „кликбејт“ ефект или привлекување на публиката преку кликови.
Во една претходна анализа заклучивме дека „Премиерот на земјата во голема мера ја диктира политичката агенда“, а оваа појава се случува континуирано. Нема промена од претходниот период, всушност, во некои периоди неговата фигура станува централна, а интензитетот на неговото претставување и обликувањето на јавното мислење станува сè поголем.
Доминацијата на премиерот Мицкоски во медиумскиот дискурс не е присутна само во македонските медиуми, туку и во албанските медиуми, што доаѓа како резултат на неговите секојдневни изјави за европските интеграции. Во политичката комуникација на владата се забележува монопол од страна на премиерот, што само по себе зборува за негова тенденција да ја контролира „моќта на комуникацијата“, бидејќи министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, многу поретко се изјаснуваат за евроинтеграциите. Во овој поглед, медиумите во голема мера влијаеја на зајакнувањето на политичкиот наратив на премиерот, кој не прифаќа „диктати од бугарска страна“ во врска со уставните измени.
Уставните измени паѓаат од медиумската „топ листа“
Во медиумските извештаи на двата јазика се забележува избледување на темата за уставните измени како услов за процесот на интеграција. Како да постои тивок договор меѓу политиката (владата) и медиумите оваа тема да не се третира, а дел од овој договор се чини дека се токму медиумите кои во минатото беа познати како критички настроени кон владата. Бројот на информативни содржини е многу мал, особено дебатите или интервјуата на различни медиумски платформи, можеби дури и помал отколку пред периодот на добивање статус на кандидат за членство во ЕУ во 2005 година. Треба да се напомене дека во албанските медиуми, темите за надворешна политика, односно интеграцијата се третира на објективен и коректен начин. Зборуваме за објавување изјави од македонски, но и од албански функционери.
Медиумите на албански јазик отсекогаш имале попроактивен пристап кон процесот на интеграција на земјата во ЕУ, во споредба со македонските. Ова е поврзано со фактот дека политичкиот дискурс и оној што доминирал во јавниот простор бил подистанциран, понеутрален и „поладен“ во контекст на симбиозата меѓу интеграцијата и билатералните преговори со Софија и Атина, кои ги допираат идентитетските сегменти на македонскиот народ.
Оваа тема се актуелизира епизодно, како последица на некоја изјава, како онаа на лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, пред да ја напушти владата, кога изјави „Бев оптимист кога ја формиравме Владата, но денес ми се чини тешко!”
Изјавите на Таравари имаа голем одек и во албанските и во македонските медиуми, бидејќи беа дадени во контекст на функционирањето на владата и по шпекулациите дека Таравари ќе ја напушти владата.
Медиумите со обвинувања против европската политика
Во обид да ја убеди јавноста, премиерот не го крие своето разочарување од европскиот фактор.
Политичкиот наратив, кој содржи етноцентрични ноти, изразен и со разочарувачки тон кон европската елита, беше пренесен за време на известувањето за извештајот на Европскиот Парламент во Стразбур, во кој воопшто не се споменуваат македонскиот идентитет и јазик, што се случило по интервенција на бугарските европратеници. Медиумите во хор ги објавија изјавите на премиерот Мицкоски дека „Во 21 век, македонскиот јазик и идентитет се бришат на талибански начин”.
За разлика од македонските медиуми, кои беа стриктни при пренесувањето на изјавата на премиерот, во медиумите на албански јазик имаше објави кои го релативизираа фактот дека во извештајот воопшто не се споменуваат македонскиот идентитет и јазик, прикажувајќи го како консензус или договор меѓу европратениците за бришење елементи на постоењето на македонскиот етнички идентитет.
Дискурзивни разлики околу изјавата на Марта Кос за идентитетот
Линијата на „дискурс на разликите“ во контекст на интеграцијата беше евидентна и при пренесувањето на изјавата на европската комесарка, Марта Кос, дадена за време на нејзината посета на Скопје, која, меѓу другото, изјави дека „Вашиот идентитет се манастирите, погачата, пинџурот и полнетите пиперки“. Оваа изјава беше примена со спротивставени тонови, со поттекст дека темата за идентитетот не смее да се сведе на пинџур (традиционално летно јадење од македонската кујна). Изјавата на Кос беше сублимирано протолкувана во македонските медиуми како потсмев на вредностите на македонскиот народ, дури и во 21 век, што е спротивно на европските стандарди.
Но, за разлика од македонските медиуми, во кои ставот на Кос беше примен како презирен и потценувачки, албанските медиуми следеа уредувачка линија на објективно и коректно пренесување на нејзината изјава, ставајќи акцент врз нејзината порака за гастрономските карактеристики на македонскиот етнокултурен идентитет.
Слични наративи, кои се разликуваат во зависност од јазикот на објавување и публиката на која се обраќаат, беа забележани и во врска со изјавата на премиерот Мицкоски, кој го нарече глушец министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, откако вториот го нарече премиерот на земјата „северномакедонски премиер“.
„Српскиот свет“, дел од извештајот на Европскиот парламент премолчен од медиумите
Известувањето за извештајот на европратеникот Томас Вајц во Европскиот парламент, во кој се споменува влијанието на тн.„српски свет“, е поделено и покажува етничка поларизација на јавната сцена. Во албанските медиуми му е даден значителен простор, додека акцентот е ставен на „руското и кинеското влијание преку Србија и Унгарија“. Додека албанските медиуми алармираат за влијанието на северниот сосед врз политиката и институциите на земјата, во македонските медиуми оваа тема е главно премолчена. Во првите два дена кога беше објавена информацијата дека новиот извештај содржи податоци за влијанието на „Српскиот свет“, медиумите воопшто не известуваа, додека третиот ден имаше само неколку објави. Ова зборува за тенденцијата на власта, преку влијание на медиумската агенда, да не се објавуваат критиките кон неа за толку чувствително политичко прашање, кое има влијание врз процесот на европска интеграција.
Медиумите, исто така, некритички известуваа за тенденцијата на премиерот да ја префрли одговорноста или да ја бара истата од албанската опозиција, особено од поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи и Социјалдемократскиот сојуз. Османи е обвинет дека директно стави нож во плуќата македонскиот идентитет, додека социјалдемократите се обвинети дека се во целосна служба на бугарските интереси.
Заклучоци
Во медиумите во Северна Македонија, во последно време е евидентно намалување на интензитетот на известување за процесот на интеграција во ЕУ, што произлегува од фактот дека политиката не му дава примарна важност на овој процес и е „бетонирана“ во своите ставови, што го прави процесот помалку динамичен и флексибилен.
Медиумскиот простор, иако редуктиран во однос на интеграцијата, во последниот период, како и порано, е доминиран од новинарство кое продира само во првиот слој на утврдување на фактите, што значи дека е често површно. Како што нагласивме, кога станува збор за интеграцијата, постои медиумски пристап кој пренесува изјави без да прави контекстуализации и критички и аналитички толкувања. Ова покажува, по којзнае кој пат, дека медиумите се продолжена рака на политиката, бидејќи го следат политичкиот наратив. Овој наратив е доминиран од премиерот Мицкоски, кој успева да ја диктира медиумската агенда.
Уставните измени, како услов за интеграција на земјата во ЕУ или продолжување на преговорите за членство во оваа европска организација, се замолчени од повеќето медиуми, речиси на оркестриран начин.
Постои политичка тенденција за „информативен мрак“ во врска со извештајот на Европскиот парламент, кој го истакнува силното влијание на „српскиот свет“ врз политиката во Северна Македонија, а преку него се зајакнува и влијанието на Русија.
Се забележуваат разликите во известувањето во медиумите на македонски и на албански јазик, но често наидуваме на точки на согласност во однос на пристапот кон интеграцијата.
Многу малку простор се посветува на фактот дека Албанија, иако беше во пакет со Северна Македонија, ги завршува преговорите за членство во ЕУ и во 2030 година има реална шанса да стане членка на ЕУ.
Препораки
Медиумите треба да се стремат да ја наметнат својата агенда, базирана на длабинско професионално истражување и аналитички пристап што оди подалеку од официјалните изјави или политичките и институционалните медиумски соопштенија. Во овој поглед, треба да се зголемат и унапредат капацитетите на редакциите со новинари специјализирани за прашања од европската интеграција.
Медиумите имаат должност да вложат професионални напори за да обезбедат плурализам на мислења во врска со европската интеграција, односно да не се потпираат само на владини гласови, меѓу кои преовладува гласот на шефот на владата.
Потребни се медиумски содржини, но и телевизиски дебати и поткасти во врска со статус кво-то, како резултат на фактот дека власта не прифаќа усвојување на уставните амандмани што би ја вклучиле бугарската заедница во највисокиот правен акт на земјата.
Темите поврзани со интеграцијата не треба да се поставуваат врз основа на политички интереси, кои медиумите ги промовираат и афирмираат.
Не треба да се прифаќаат тенденциите на власта за воспоставување контрола врз одредени прашања или сегменти поврзани со интеграцијата, како што е влијанието на „српскиот свет“ врз политиката на официјално Скопје.
(Авторот е универзитетски професор од областа на новинарството и јавните комуникации)
Извор: ИМА