Семејството на Теодора Ристовска која беше смртно прегазена во 2022 година иразува благодарност до јавноста, медиумите и премиерот Христијан Мицкоски за навремената реакција како што велат и поддршката за случајот за нивната сестра и ќерка.
„Искрено се надеваме дека Судскиот совет ќе изреагира адекватно во врска со скандалозната и срамна одлука на судијата од Тетово, Ељведин Ферати и имаме сомнеж како семејство дека позади оваа пресуда стојат политика, мито и корупција. Ние силно и натаму ќе се бориме за правда за Теодора. Исто така јавно сакаме да прашаме зошто иницијативи како “Кој е следен” немаат покажано никаков интерес за нашиот случај, а само наводно се борат против трулиот и корумпиран систем. Ги немаше ниту на последното рочиште кога се изрече скандалозната одлука од само 2 години затвор за убиецот на сестра ми Теодора“, вели семејството Ристовски.
Оценуваат дека е доста од лажни иницијативи со скриени агенди каде жртвите се само средство за постигнување на туѓи цели.
„Уште еднаш јавно се заблагодаруваме на јасната и искрена поддршка на премиерот Мицкоски, која очигледно дека и веднаш почна да дава резултати. Се надеваме дека будно ќе продолжите да го следите судскиот процес за нашата Теодора“, порачува семејството на Теодора.