Кантонските и општинските власти се соочија со Меѓународната организација за мигранти, која дејствува како оперативен партнер на Европската комисија. Судирот ескалираше до голема уставна криза во самата Босна и Херцеговина, оцени Паола Лукези, претседателка на невладиниот Центар за одржлив развој „Уна“
Не знаеме што ќе биде со 1.350 луѓе од кампот, кои сега останаа под отворено небо. Мигрантите немаат каде да останат. Сега и Липа е запалена. За утре се очекува и снег, па би попуштиле шаторите, а и агрегатите за струја не функционираат во зимски услови, изјави Наташа Омеровиќ, координаторка на шаторскиот камп
Можеби дел од групата тргнал накај Бихаќ. Тоа сега е невозможно да се утврди, бидејќи престојуваат на ливадите и во шумата. Главно повеќето се тука. Немаат повеќе шатори, бидејќи веќе ги запалија. Ноќта ќе ја поминат под ведро небо, вели портпаролот на полицијата
Едноставно, не сакаме центарот на градот повторни да биде прегазен. Имаме лоши искуства и ќе настојуваме да истраеме во зачувувањето на безбедноста на нашите деца, изјавил за локалните медиуми еден од групата што го блокира пристапот до кампот Бира во Бихаќ
Откако во голем пожар изгоре кампот Липа во северозападниот дел на Босна и Херцеговина, повеќе од илјада мигранти што беа сместени во него прексиноќа останаа блокирани по шумите и ливадите, бидејќи граѓаните и локалните власти на Бихаќ го блокираат нивниот пристап кон стариот камп Бира во центарот на градот.
Пожарот во кампот Липа избувна во средата во 11 часот, непосредно откако претставниците на Меѓународната организација за миграција се повлекоа од кампот, забележувајќи дека тој повеќе не може да функционира брз довод на вода и струја и со ужасни услови за престој. Пожарот, според водачот на мисијата на ИОМ, Петер ван дер Оверерт, го предизвикале самите мигранти, кои почнале да ги палат шаторите и контејнерите. Огнот брзо зафатил голем дел од кампот и тој бил практично уништен пред пожарникарите да го локализираат пожарот. За среќа, при пожарот немало повредени лица.
– Не знаеме што ќе биде со 1.350 луѓе од кампот, кои сега останаа под отворено небо. Мигрантите немаат каде да останат. Сега и Липа е запалена. За утре се очекува и снег, па би попуштиле шаторите, а и агрегатите за струја не функционираат во зимски услови – изјави Наташа Омеровиќ, координаторка на шаторскиот камп.
По шуми и гори
Але Шиљдедиќ, портпарол на Министерството за внатрешни работи, изјави дека некои мигранти останале во кругот на кампот Липа, а други се изгубиле.
– Можеби дел од групата тргнал накај Бихаќ. Тоа сега е невозможно да се утврди, бидејќи престојуваат на ливадите и во шумата. Главно повеќето се тука. Немаат повеќе шатори, бидејќи веќе ги запалија. Ноќта ќе ја поминат под ведро небо – изјави Шиљдедиќ.
Покрај мигрантите што преноќиле во шатори, група од уште 200 лица тргнале низ шумите кон околните населби, во обид да најдат место во кое безбедно би ја поминале ноќта.
Централните власти инсистираат мигрантите привремено да бидат префрлени во кампот Бира во Бихаќ. Но, на веста за затворањето и пожарот во Липа, итно реагираа граѓани на Бихаќ, кои поставија блокади на приодите кон стариот камп за мигранти Бира, кој неодамна беше затворен.
– Бихаќ речиси две години е фронт на политичка криза. Во изминатите два месеца кантонските и општинските власти се соочија со Меѓународната организација за мигранти, која дејствува како оперативен партнер на Европската комисија. Судирот ескалираше до голема уставна криза во самата Босна и Херцеговина – оцени Паола Лукези, претседателка на невладиниот Центар за одржлив развој „Уна“.
Стража пред Бира
Група граѓани веќе 70 дена протестира и „чува стража“ против најавеното враќање на мигрантите во Бира, во центарот на Бихаќ. Тие истакнаа дека „не протестираат против луѓе во неволја“, туку само против нивното сместување во центарот на градот „со оглед на искуствата од нарушената безбедносна ситуација во претходниот период, кога во Бира беа сместени околу 2.000 луѓе“.
– Едноставно, не сакаме центарот на градот повторни да биде прегазен. Имаме лоши искуства и ќе настојуваме да истраеме во зачувувањето на безбедноста на нашите деца, како и да ја одбраниме одлуката на Градскиот совет на Бихаќ и на Собранието на Унско-санскиот кантон – изјавил за локалните медиуми еден од демонстрантите.
Полицијата, во исто време, значително ја засилила контролата на сообраќајните влезови кон Бихаќ, при што била ангажирана и Единицата за специјална поддршка. Граѓани и припадници на кантонската полиција прексиноќа спречиле во Бихаќ да влезат два автобуси со мигранти.
Советот на министри на Босна и Херцеговина минатата недела донесе одлука кампот Липа да остане и да бидат поставени контејнери во кои мигрантите ќе ја поминат зимата, но Партијата за демократска акција инсистираше мигрантите да се прераспределат и на други локации, а не само на територии на кои живеат Бошњаци.
Хуманитарни и епидемиолошки последици
Градоначалникот Шухрет Фазлиќ и кантонскиот премиер Мустафа Ружниќ заедно ги потврдија своите ставови против враќање на илегалните мигранти во Бира, но и изразија спремност за соработка со надлежните државни институции и понудија „секаков вид помош“ за луѓето што останаа без покрив над главата откако изгоре кампот Липа.
Министерството за безбедност на БиХ објави дека настојува да изнајде алтернативно сместување на мигрантите.
– Министерството настојува да ги искористи сите ресурси што се на располагање и вложува максимални напори за да спречи хуманитарни, епидемиолошки и други последици, кои се можни ако повеќе од илјада мигранти од Липа завршат без сместување на улиците низ градовите на кантонот – соопшти министерот Селмо Цикотиќ.
Министерот за безбедност Цикотиќ доставил до кантонскиот премиер и до градоначалникот на Бихаќ план за изградба на нов прифатен центар за мигранти на локацијата на Липа, за што Советот на министри на Босна и Херцеговина издвоило 5 милиони конвертибилни марки, Европската комисија уште половина милион евра, а низа амбасади понудиле материјална помош за опремување на центарот. Но, градежните работи би се одвивале дури до крајот на април в година, па како привремено решение било предложено мигрантите да бидат префрлени во Бира за да ја поминат зимата.
ЕУ ги обвинува босанските власти
Европската Унија одговорноста за кризата и хаосот ја посочува кон босанските власти.
– Денеска е затворен Липа, објект што беше воспоставен како привремен и немаше услови за зимски престој на лица. Со тоа околу 3.000 мигранти и бегалци останаа без пристап до основно засолниште и услови во зимски услови. Постојат сите предуслови за префрлање на бегалците и мигрантите од Липа во прифатниот центар Бира во Бихаќ. Предусловите се утврдени со одлуките на Советот на министри на БиХ, со националниот План на мерки и активности, како и со Законот за странци и Законот за азил – соопшти Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина во соопштение до јавноста.
Делегацијата притоа истакна дека властите на БиХ не успеале да го реализираат префрлањето во Бира, која останува празна и покрај континуираното финансирање од Европската Унија.
– Неуспехот на властите на Унско-санскиот кантон да дејствуваат покренува прашања во контекст на владеењето на правото и директно придонесува за хуманитарна и безбедносна криза – додава Делегацијата на ЕУ.
Унијата потсетува дека постојано издвојува значителна финансиска и техничка поддршка за БиХ за подобро управување со миграцијата и азилот, а Европската комисија неодамна издвои пакет од уште 25 милиони евра, како поддршка на БиХ токму за овој проблем.
Босна и Херцеговина стана тесно грло на патот на илјадници мигранти кон Европската Унија. Повеќето мигранти се концентрирани во северозападниот регион Босанска Краина, бидејќи другите одбиваат да ги прифатат. Од таму, мигрантите настојуваат да ја преминат границата со Хрватска и да влезат во ЕУ.