По триесет години празни ветувања, поликлиниката во Расадник станува реалност, кажаа денес актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО – ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски и кандидатката за негова наследничка во Општината од ВМРО – ДПМНЕ, Бети Стаменкоска-Трајкоска.

„Овде зад нас обезбедивме градежна парцела за изградба на новата поликлиника, а целосно е изработен и основниот проект според кој новата зграда ќе се простира на . Објектот ќе биде лоциран токму на оваа локација, зад нас, зад постојниот паркинг во Расадник на централна и достапна локација за сите наши жители. Во новата поликлиника ќе бидат сместени сите неопходни служби за современа здравствена заштита. На приземјето ќе има лабораторија, стоматолошка ординација, детски оддел, итна и дежурна служба, ортопедија и матични лекари. На катот ќе биде интерна медицина, кожно, гинекологија, ординација за уво нос и грло заедно со административни простории“, рече Ѓорѓиевски.

Поликлиниката ќе биде на површина од 1.780 квадратни метри и ќе има подрум, приземје и кат, рече Ѓорѓиевски

Парите за изградба на поликлиниката во Расадник ги обезбеди Владата. Заменик – министерот за здравство, Јовица Андовски, вели дека ќе биде објектот ќе биде сличен со неколкуте објекти што ги најавија изминативе месеци.

„Проектот ќе биде сличен како оној во Бутел што го потпишавме договорот, како што се изгради во Илинден, во Зелениково сме во завршна фаза со градење на поликлиника. Парите се обезбедени од Владата, односно од унгарскиот кредит. Сметаме дека е многу значајно граѓаните да имаат здравствена заштита поблиску до нивните домови. Со тоа нема да мораат да одат во другите општини за да го остварат правото на здравствена заштита“, рече заменик-министерот Андовски.

Стаменкоска – Трајкоска на граѓаните на Кисела Вода им вети дека ќе одржи континуитет на промените што се случуваа во изминатите четири години. Ќе изгради пешачко – велосипедска обиколка на Кисела Вода, ќе работи на проекти за здрава животна средина, на проекти за квалитетно образование, реконструкција на училишта и ќе ги продолжи сите почнати проекти.