Во Секторите за внатрешни работи (СВР) Скопје, Битола и Тетово има недоволна екипираност на полициските станици со кадар, како и префрлување на полициски службеници на работни задачи за што претходно немале работно искуство, без притоа да поминат обуки за спецификите на работните обврски што треба да ги извршуваат.

Ова го покажува Годишниот извештај на Националниот превентивен механизам (НПМ) што Народниот правобранител го презентираше денеска во рамките на Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортура – 26 јуни.

Во 2022 година НПМ спровел девет посети во полициски станици од општа надлежност (ПС ОН) кои што се во склоп на Секторите за внатрешни работи (СВР) Скопје, Битола и Тетово. На подрачјето на СВР Скопје биле посетени полициските станици од општа надлежност Ѓорче Петров, Чаир, Гази Баба, Кисела Вода, Центар и Карпош. Од овие 6 посети, 4 биле спроведени после полноќ.

– Материјалните услови скоро во сите полициски станици и понатаму претставуваат голем предизвик, а особено загрижувачка е состојбата со ПС Чаир каде со години не е преземено ништо. Конкретно за оваа полициска станица е потребно целосно нејзино дислоцирање и градење нов објект, изјави народниот правобранител, Насер Зибери, на денешната прес-конференција.

Кога зборуваме за материјалните услови, дополни, внимание треба да се посвети на оспособување посебни простории за разговори со деца, како и оспособување на просториите за задржување и лишување од слобода, а дополнително е потребно да се избегнува праксата на вршење разговори со повиканите, задржани и лишени од слобода лица во канцелариите на сменоводителите и истите да се спроведуваат во наменски опремени простории со видео надзор и со видливо истакнати поуки за правата на овие категории лица.

– При подолго задржување во полициските станици, секоја полициска станица е неопходно да биде обезбедена со буџет од каде ќе се покријат трошоците за храна и освежување на лицата лишени од слобода, рече народниот правобранител.

Освен горенаведените забелешки, НПМ тимот препорачува и обновување, но и дополнување на возниот парк во сите полициски станици имајќи предвид дека истиот е во незавидна состојба, недоволен, а напати и нефункционален и ретко која полициска станица располага со комбе за спровод.

– Кога станува збор за работните услови, за жал и во текот на изминатата година беше евидентно висок степен на резигнираност што постои кај голем дел од полициските службеници поради работните услови и атмосферата во која што секојдневно функциoнираат, вели Зибери.

Во дел од полициските станици НПМ констатирал дека полициските службеници работат во супстандардни услови. Во оваа смисла, во неколку полициски станици било споменато ограничувањето и оневозможувањето на остварување прекувремена работа, како и поплаки за упатување на прекувремена работа само на одредени полициски службеници.

Во однос на правото на адвокат, вели дека и понатаму останува констатацијата дека лицата лишени од слобода и задржани во полициските станици се соочуваат со недостиг од вистинска можност за користење на правото што го имаат да повикаат адвокат од листата на дежурни адвокати чии што трошоци треба да бидат покриени од државниот буџет.

НПМ и годинава посветил внимание и на правата на странските државјани, односно на мигрантите и барателите на азил при што биле спроведени четири посети на места каде што се врши сместување или задржување на странци и баратели на азил и тоа Привремените транзитни центри Винојуг и Табановце(ПТЦ), како и Прифатниот центар за странци во Гази Баба и Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово, информираше народниот правобранител.

– Во текот на 2022 година беа регистрирани околу 19.930 лица коишто биле затекнати со нерегулиран статус, односно престој на територијата на Република Северна Македонија. Врз основа на добиените податоци од различни извори[1], но и од самите посети, може да се констатира дека голем број од овие лица се лишуваат од слобода и спроведуваат до (пред) полициските станици од општа надлежност каде што не се заведуваат во евиденциите за приведени, односно лишени од слобода или задржани, ниту пак се известуваат за нивните права. Најголемиот дел од овие лица веднаш се спроведуваат до гранична линија каде што се протеруваат од нашата држава, рече Зибери.

Помал дел од лицата, како што посочи, се задржуваат во ПТЦ Винојуг.

– Во однос на овие лица останува констатацијата во однос на арбитрерноста на нивното задржување, констатирано и во Извештајот за напредокот Република Северна Македонија од страна на Европската комисија од 2022 година. Имено, продолжува праксата на произволно задржување на лица без да им се издадат индивидуални решенија што би содржеле податоци за причините на задржување, периодот на задржување, како поука за правата, рече тој.

Оттука, Народниот правобранител порачува итно да се прекине праксата да се сместуваат и задржуваат лица без да постои за тоа индивидуално решение во кое што ќе бидат наведени причините за сместувањето/задржувањето, времетраењето на задржувањето, можноста и рокот за обжалувањето на таквото решение и пристапот до правна помош и истовремено, повикува и на усвојување стандардни оперативни процедури во коишто ќе бидат јасно дефинирани овластувањата на секој од претставниците на органите и организациите присутни во Центрите.

Во 2022 година тимот на НПМ го посетил и Геронтолошкиот дом „13 Ноември“ – Дом „Мајка Тереза“.

– Врз основа на констатираната состојба тимот на НПМ упати генерална препорака до Министерството за здравство за обезбедување на средства заради целосно реновирање на сместувачките капацитите на Домот, а со цел корисниците во него да го остварат правото на престој согласно меѓународните и националните стандарди предвидени за сместување и домување на стари лица. Меѓу другото, упатена е и препорака за потребата да се регулира работниот статус на оние лица ангажирани со договор за дело и да се овозможи вработување на стручни лица соодветни на потребите на Домот, особено да се зголеми бројот на геронтодомаќинките, рече правобранителот..

Минатата година, како што информираше Зибери, во фокусот на постапувањето на НПМ-от биле психијатриските болници, поточно нивните форензички/судски одделенија при што биле посетени две психијатриски установи, односно судските одделенија во истите, Психијатриска болница „Скопје“ и Психијатриска болница „Демир Хисар“ каде што, биле констатирани лошо услови.

Лоши услови биле затекнати и во Казнено-поправните  и Воспитно-поправните установи.

Наодите потекнуваат од 19-те ненајавени посети во горенаведените институции кои Народниот правобранител ги извршил во текот на 2022 година, а се наведени и во  Годишниот извештај на Националниот превентивен механизам.