Полицискиот час кој е воведен на 10.март, а забраната за движење трае од 22 до 05 часот е продолжен за уште две недели. Одлуката да продолжи ваквата рестриктивна мерка денеска треба да ја достави Комисијата за заразни болести, но министерот за здравство, Венко Филипче не ја исклучува ниту можноста во текот на наредните денови да предложат и дополнителни рестриктивни мерки заради актуелната епидемиолошка слика. Во изминатите денови во Македонија се регистритаат огромен број новозаразени лица со Ковид-19, заради што секојдневно се зголемува и потребата од хоспитализации, а посебно загрижувачка е бројката на починатите пациенти.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1329, а од Министерството за здравство соопштуваат дека има околу 300 слободни болнички кревети во ковид центрите низ земјава.
– Ние сме спремни да воведеме и дополнителни рестриктивни мерки доколку сегашните не дадат посакувани резултати. Ставот е дека од утре ќе продолжат да важат истите мерки, како и досега, тоа значи дека останува на сила полицискиот час од 22 до 05 часот наутро, а за евентуална дополнителна рестрикција ќе разговараме во текот на неделата врз основа на тоа што ќе се случува следните денови, истакна министерот Филипче за ТВ Сител.