По апсењето на 21 осомничено лице од две организирани криминални групи во Скопје и околината во акцијата „Планина“, нивните водачи остануваат недостапни. Ова го потврди шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, која додаде дека следењето на групата од Грчец и Гази Баба било пробиено, но оти немаат информации за евентуални кртови во полицијата. Таа соопшти дека за секој член на групата се обиделе да соберат докази за чувањето на дрогата на безбедни места и имале добро координирана продажба на мало. Затоа за време на операцијата не беше запленета голема количина, туку само 700 грама кокаин и 5 килограми марихуана.
Со овие прислушувања се очекува да се расветли каде се наоѓаат 5-те бегалци за кои се сомнева дека се во странство. Но, обвинителството не им ги одзело мобилните телефони, докази што ќе беа од витално значење за целосното расветлување на случајот.
Во Гази Баба, рече Русковска, извршени се 9 претреси, уапсени се осум лица, а еден е во бегство. Во вчерашната акција која траеше неколку часа беа уапсени 21 осомничен. Полициските единици ги следеле членовите на криминалните групи во неколку скопски региони како што се Грчец, Гази Баба, Чаир и Ченто. Од понеделник ќе започне и финансиска истрага за перење пари која според Русковска, не се одвивала паралелно со фаќањето на групата за да не протечат информации за акцијата.