Полицијата синоќа привела четири лица во Чаир и Бутел кај кои било пронајдено оружје, муниција и дрога. Од МВР соопштуваат дека полициските станици Чаир и Бит Пазар во периодот од 20 часот до 1 часот по полноќ постапувале по оперативен план заедно со припадници на Единицата за безбедност на сообраќајот на патиштата, Единицата за интервентна полиција, Отсекот за криминалистичка полиција, Единицата за недозволена трговија и Единицата за брзо распоредување, при што спровеле зајакнати мерки.

Педесетина минути по полноќ (на 17 септември) на улицата „Босна и Херцеговина” од слобода бил лишен 42-годишниот С.Ц. од Скопје кај кого биле пронајдени пиштол „Глок 9×19″, две рамки за пиштолот и 30 куршуми. Десетина минути подоцна на булеварот „Крсте Мисирков” од слобода е лишен 24-годишниот А.Ќ. од Скопје кај кого била пронајдена и одземена марихуана.

Во станица, според соопштението на МВР, се приведени и 25-годишниот С.Д. од скопското село Грчец и 42-годишниот Е.Ј. од Скопје.

С.Д. е привeден околу 22 часот на улицата „Кемал Сејфула” откако кај него се најдени револвер „Таурус ин” и седум куршуми. Е.Ј., пак, е приведен во истото време на улица „Цетинска” и кај него се пронајдени пиштол „Сиг сауер” и две рамки со 17 и 15 куршуми.

 

Во координираната акција на полицијата се одземени и три возила, а биле констатирани и 53 прекршоци според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и седум по Законот за возила.