Утринава автобуси на ЈСП биле испратени на вонреден технички преглед од страна на полицијата, а поради тоа дел од линиите се во прекин.
Од ЈСП Скопје за ТВ21 информираат дека не станува збор за 60 возила, туку за многу помалку возила кои биле испратени на технички преглед.
„Не станува збор за 60, туку за многу помалку возила испратени на технички преглед, а кои се дел од нашиот возен парк. Од утринава, па досега, 7 возила на ЈСП Скопје се испратени на вонреден технички преглед. Во меѓувреме, две возила од посочените веќе се вратени на линија. Станува збор за возила кои генерално ги опслужуваат приградските линии“, велат од ЈСП.
Од таму додаваат дека ЈСП Скопје, ја следи состојбата на терен и по потреба, по исклучување на некое возило заради технички преглед, реагира навремено со испраќање т.н. заменско возило како би се избегнала „дупка“ во возниот ред.
За тоа колку возила точно се исклучени од сообраќај, од ЈСП немаат информации затоа што превозот, освен ЈСП Скопје, го сочинуваат и приватни превозници („Слобода превоз“ и „Мак експрес“).
„Во случајов, не сме во можност да ја информираме јавноста за можни непредвидени измени во возниот ред, со оглед на тоа дека вонредните акции не се најавуваат“, додаваат од ЈСП.