Безбедносните сили во Мјанмар убија денеска уште најмалку четири лица при разбивањето на протестите кои се одржуваат против воената влада во земјата.

Официјално се потврдени тројца загинати во градот Мандалају и еден во местото Пјај, но на социјалните мрежи се појавиле повеќе извештаи за смртни случаи заедно со фотографии од убиени и повредени демонстранти.

Обединетите нации наведуваат дека безбедносните сили на Мјанмар досега усмртиле најмалку 70 демонстранти, истакнувајќи дека постојат „се повеќе докази за извршено злосторство против човештвото“.

И покрај воведениот полициски час, деминстрантите излегуваат на улиците секој ден од 1 февруари, кога војската со преврат ја собори цивилната влада.

Полицијата употребува боева муниција и димни бомби против демонстрантите.

Освен апсењата на учесниците во протестите, полицијата спроведува претреси и апси луѓе во станови и куќи. (МИА)