Иако се уште не е објавено на официјалната страница на МВР, сепак по поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков е распишана потерница. По наредба на судот, полицијата го бара да му врачи решение за куќен притвор. Сепак, во текот на ноќта припадници на МВР не можеле да го најдат на ниту една адреса која е наведена во неговите документи како место на живеалиште. Од МВР за МИА велат дека му е определена мерка притвор и дека преземаат мерки и активности за негово пронаоѓање.

ТВ21 доцна синоќа објави дека нивната екипа последен пат го забележала вчера во попладневните часови во барот „Дистрикт“ во Хотел Мериот.

Подоцна, во текот на вчерашниот ден бил баран на повеќе адреси во Скопје, но не бил најден.

Обинителството во завршните зборови за Таргет-Тврдина побара максимална казна за Сашо Мијалков.

Тој е еден од обвинетите за нелегалното прислушување на над 20 илјади граѓани во периодот од 2008 до 2015 година. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.