Социјалната работничка Ирена Сендлер, преправена во медицинска сестра, секој ден влегувала во евројското гето. За да ги спаси од сигурна смрт, децата ги криела во кутија за алат или во вреќа, поставени на задниот дел од автомобилот, каде што се наоѓало и нејзиното куче обучено да лае кога германските војници ја контролирале на влезот и излезот.
Родена е во Варшава (1910 г.) во семејство со социјалистичка традиција. Од рана возраст се дружи со своите еврејски врсници, а на 5 години веќе зборува јидиш. Татко ѝ бил лекар и меѓу неговите пациенти имало и многу сиромашни Евреи за кои се грижел бесплатно. По неговата смрт во 1917 година, еврејската заедница понудила субвенција на семејството во знак на благодарност. Уште од млада се спротивставувала на дискриминацијата на еврејските студенти, а подоцна се приклучила на Полската социјалистичка партија. Кога избувнала Втората светска војна, таа имала 29 години и работела како социјален работник во општинската администрација, каде што со поддршка на директорот на одделот (кој подоцна бил депортиран во Аушвиц), им помагала на Евреите. Есента 1940 година во Варшава, гетото со Евреи било оградено и скоро 400.000 Евреи биле преместени во него, во ужасни хигиенски услови, недостаток на храна и лекови: епидемиите се множеле и стапката на смртност била многу висока. Како медицинска сестра, Ирена успела да добие пропусница за да влегува во гетото, тајно организирала спасувачка мрежа, набавувајќи храна и облека.
Во 1942 година била основана тајната организација „Совет за помош на Евреите“ (Зегота) и Ирена веднаш станала една од главните активисти како раководителка на детскиот оддел со кодно име Јоланта. По одлуката на нацистите да го ликвидираат гетото, таа почнала да ги пренесува децата од гетото во градот, облечена како медицинска сестра, криејќи ги во амбулантите возила. Честопати малите дечиња и бебињата ги заспивала со седативи, ги сместувала во кутии за алат, а поголемите деца во вреќи, за да ги пренесе во арискиот дел, убедувајќи ги членовите на Гестапо дека се мртви од тифус. По напуштањето на гетото, децата се собирале во центрите за помош, каде што учеле да се прилагодат на новата средина, а потоа им се доделувале на полски семејства или манастири.
Прогласена за мртва
На 20 октомври 1943 година, нацистите ја уапсиле и брутално ја мачеле три месеци за да проговори, но таа не ги предала своите колеги, па така, ја осудиле на смрт, префрлајќи ја во ужасниот затвор Павијак. Од „Зегота“ успеваат во последен момент да поткупат нацистички генерал со голема сума пари за да ја спаси Ирена непосредно пред пукањето. Од тој момент нејзиниот живот се менува, таа повеќе не може да влегува во гетото, мора да живее скриена и под друго име – Клара Дабровска, зашто официјално била застрелана. Но, тоа не ја спречило да продолжи да соработува со „Зегота“ и да им помага на Евреите, координирајќи спасувања на многу деца. Познато е дека има спасено околу 2.500 деца.
По војната, работела во Центарот за социјална помош во главниот град, и била заслужна за основање на сиропиталишта, Центар за помош на мајки и деца, и институции за поддршка на невработени семејства. Била прогонувана од Комунистичките безбедносни служби, во 1949 година била уапсена и брутално испрашувана, под сомнение дека криела припадници на партизанската армија. Во затвор го загубила своето предвреме родено дете. Во годините на комунизмот, Народна Република Полска заборавила на неа.
Живот во тегла
Во 1999 година, американскиот учител Норман Конард, погоден од нејзината приказна, поставил претстава заедно со своите студенти од Канзас наречена „Живот во тегла“. Насловот се однесувал на начинот на кој Ирена ги зачувала имињата на спасените деца, закопувајќи ги под јаболкница во градината, затворени во стаклена тегла, со податоците на вистинските родители или старатели, заедно со некои нивни лични предмети. По војната, теглите биле дадени на еврејската заедница, овозможувајќи децата да го откријат своето потекло и да си ги најдат семејствата. Претставата е изведена над двесте пати во САД, и доведе до создавање на фондацијата „Живот во тегла“ што ја промовира фигурата на Сендлер.
Сендлер е добитничка на бројни награди и признанија дома и во странство, а во 1991 година го добила почесното државјанство на Израел. Во 2007 пак, беше номинирана за Нобелова награда за мир.
Последните години од нејзиниот живот, Ирена Сендлер живеела во еднособен стан во центарот на Варшава. Починала на 12 мај 2008 година на 99-годишна возраст.