Денот на храброста – 6 мај, денес беше одбележан и на „Бугарскиот воен меморијал“ во Ново Село, во соседна Република Северна Македонија, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
Споменикот, каде што се положени посмртните останки на 71 бугарски војници, се наоѓа недалеку од градот Струмица. Ова е едно од 471 бугарски воени гробишта на територијата на денешна Северна Македонија, каде што се погребани загинатите во Балканската, Меѓусојузничката, како и во Првата светска војна. Тие потекнуваат од сите области на денешна Бугарија и од териториите одземени со Нојскиот договор. Стотици граѓани им оддадоа почит на паднатите бугарски воини.
Помен молитва во чест на хероите беше отслужена од Неговото Високопреосвештенство Струмичкиот митрополит Наум во сослужение со претставникот на Бугарската православна црква, свештеноиконом Павел Милушев, архиерејски намесник во градот Петрич.
На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Бугарија во Република Северна Македонија, Желјазко Радуков, градоначалникот на Петрич, Димитар Брчков, претставници на бугарската Национална гарда. Почит на загинатите им оддадоа и воени аташеа од Хрватска, Италија, Романија, Турција, Кина, Украина и други дипломати.
Во своето обраќање амбасадорот Радуков изјави: „Им оддаваме почит на загинатите за слободата и обединувањето на нашата татковина. Се поклонуваме пред службата на генералите, офицерите и војниците, и во минатото и во сегашноста, кои со достоинство, чест и несебичност ја бранат нашата татковина. Повеќето од погребаните на ова свето место загинале во периодот 1916–1917 година. Тие се најдобриот пример за саможртвата, себеоткажувањето и подготвеноста да се умре за идеалот.“
Бугарскиот дипломат прочита дел од честитката испратена од министерот за надворешни работи Георг Георгиев: „Денес духовното обединување на европските народи се базира на споделени вредности на човечко достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и човекови права. Тие се темели за Европската Унија. Тие се неизменливи принципи на однесување и во внатрешната и во надворешната политика на секоја земја-членка. И на тие вредности треба да се придржуваат не само декларативно, туку и со своите постапки сите држави кои искрено се стремат да бидат дел од европското семејство.“