Гром удрил во куќа во селото Муртино синоќа во 20:50 часот по што се запалила покривната конструкција, која по интервенција на пожарникарите била изгасната. Нема повредени, информираа од територијалната противпожарна единица Струмица, од каде интервенирале со едно против пожарно возило и пет пожарникари по силното невреме кое го зафати Струмичко.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов објави дека по второто невреме било зголемено нивото на вода за околу 25 сантиметри само на дел од улицата Младинска, која е една од пониските коти во градот.
Тој ги замоли засегнатите граѓани за разбирање и трпение и вети дека ќе го реши овој проблем.
Пороен дожд и поплава синоќа околу 19 часот ги зафати населените места Милино и Ѓуземелци во општина Лозово и патот меѓу нив е непрооден поради кал и вода.
Во Лозово завчера од невремето проследено со град настардаа соларни панели и автомобили, а минатата недела од силниот ветар штетите имаше на фирми, локалните патишта беа блокирани.
Штети од поплавите во неделата имаше и во Тетово.