Никица Корубин

Дека појавноста е клучна за перцепирање на суштината е веќе речиси етаблиран факт. Суштината е добра, само кога е по точно одредена мерка, бидејќи дури и нејзината перцепција е тешка кога не изгледа така како што се очекува да изгледа. Вака некако може да се опише, и денешниот ден и деновиве после постигнатиот мировен договор помеѓу Израел од една страна и терористичката организација Хамас од друга страна, која одамна е легитимирана како регуларна политичка страна. И сето тоа под директно менторство на американскиот претседател Доналд Трамп и САД.

И тука почнува проблемот, наместо радоста. Фактот дека за името на Доналд Трамп, во наративот на прогресивната левица или центар лево, не смее да се поврзе ништо позитивно; всушност ја компромитира нивната “прогресивност” надвор од утврдената шема и ја преиспитува сета грижа (и параден егзибиционизам) цели две години после бруталниот и варварски масакр на израелски и цивили од разни земји пред точно две години; кој ја иницираше војната во Газа, по кое следеше убиството на многу палестински цивили. Но, “грижата и вниманието” никогаш не беше подеднакво, какво што би се подразбирало за недолжни жртви, по било која основа.

И се разбира дека во моментов отсуствува еуфорија, за мировен договор, кој е во корист на сите подеднакво, вклучително и Палестинците, за кои се протестираше со месеци и години, а за кои сега отсуствува масовната прослава за мирот кој за почеток го заслужуваат, како и сите други. Миротворецот ли е проблем или одземениот наратив?

И едната и другата причина е поразителна и проблематична, а особено што полесно е деновиве без проблем да се слави терористичка организација каква што е Хамас (позади параванот за заштита на палестинскиот народ) и да се легитимира на тој начин ксенофобија и омраза кон Израел, Евреите или дури и кон западната култура; отколку да се каже било каков пофален збор за Доналд Трамп, конзервативец, капиталист и американски претседател, “кој ќе ја уништи демократијата”.

Особено интересен е наративот кај нас, каде што практично отсуствува било каква официјална порака за пофалба на стратешкиот партнер САД и лично Доналд Трамп, за овој исклучителен успех, на крај на една брутална војна, која го остави целиот регион на Газа во рушевини, со огромен број на цивилни жртви; како што впрочем отсуствува целосно било каква регионална или глобална тема, која на овој или оној начин (ин)директно има врска и со случувањата кај нас. Па, зарем Доналд Трамп, и САД кои нашата официјална политика ги следи цела година во сите меѓународни постапки, не заслужува едно соопштение на поддршка?

Кога веќе не доби пофалба за неговиот ангажман и менторство за Преспанскиот договор во неговиот прв мандат, барем да добие пофалба за улогата во решавањето на овој исклучително тежок историски спор помеѓу Израел и Палестинците, во неговиот втор мандат.

Зошто таква неправда кон Доналд Трамп, на нашата јавност и политика, особено кога неговата администрација е сериозно ангажирана и за нашиот регион, за почеток во Србија и нејзиното оддалечување од енергетските ресурси на Русија, како стратешка цел на администрацијата на Трамп. Па, белким ние како НАТО партнер и кандидат за ЕУ, не посакуваме ништо помалку и за нашиот северен сосед, да биде европска и демократска земја, па дури и само како чин на поддршка на најголемиот стратешки партнер – САД?

Се чини дека перцепцијата за Трамп пред изборите и Трамп по изборите е драстично променета. Како и пофалбите за него. Дали поради неговите (не)очекувани постапки, дали поради проблематичната идентификација по прашање на “борбата со длабоката држава”, дали поради дискрепанцата на “она што го прави и она што го говори”. Затоа што кај нас, кажаното (пропагандата) секогаш било побитно од направеното. А, перцепцијата служела за да се сокријат, а не откријат нештата. И Трамп, ли не ни’ чини сега? И на левицата, и на десницата и на центарот и на цела “заробена држава на Прибе” топтан. Крајот не може да им се најде, што би рекле.