Пишува: Владимир Перев

Циркусот со “црните листи“ на македонскиот премиер и на претседателот Пендаровски веројатно ќе продолжи и следната седмица, подигнувајќи ја македонската национална параноја на највисоко ниво. Одново ќе се распалуваат неизгаснетите страсти на омраза кон бугарите-татари кои доаѓаат тука за промена на нашиот идентитет, кој одамна веќе е ставен под сериозни сомневања. Грчката политика и ЕУ ја завршија таа работа со Преспанскиот договор, сега само дојде времето и бугарите да си дојдат “по своето“!

Официјалната информација, предадена од агенцијата БГНЕС (и пренесена кај нас), која се смета за најинформирана во Бугарија по однос на “македонското прашање“ јави дека “на почетокот на следната недела во Скопје ќе се одржи заедничка седница на Европскиот парламент со претставници на македонското Собрание. Во европската делегација се двајца бугарски европратеници Ангел Џамбаски и Александар Јорданов, а останува да се види дали ќе бидат примени на територијата на Република Македонија“!

Никој не ја знае тајната на “црниот список“ за непожелни бугари или странци воопшто во Македонија, но се знае со сигурност, дека двајца европратеници, Ангел Џамбаски и Андреј Ковачев, заедно со филантропот д-р Милен Врабевски се непожелни на територијата на Македонија заради “непризнавањето на македонскиот идентитет и атрубутите што одат со него“.
Ова е само врвот на ајсбергот. Долу, под водата, има огромна санта натрупан лед на омраза кон сѐ бугарско, омраза формирана во пазувите на Белград и Москва и изнедрена врз нашите пространства преку евтините прикаски за македонското “ропство под бугарите и за македонската слобода извојувана со помошта на Белград и социдејата на Коминтерната, со силоватата поддршка на Москва“. Тоа е почетокот и крајот на вулгарниот соцреалистички насилен македонизам, кој нема ништо општо со чувството на нашиот човек, со неговото македонство, хуманизам и демократија.
Изненадувачки е што и претседателот Пендаровски потклекна на антидемократските тенденции во земјата, на путиновските изјави дека “славјанската писменост потекнува од македонската земја“, па заклучи дека ја има поддршката за лов на непријателите на Путин, на “македонската земја“ и на бугарските европратеници. Следно треба да биде изгонувањето на бугарските дипломати…така, илузијата за победа ќе биде целосна.

Во овој политички момент, средби на парламентарната делегација на ЕУ се апсолутно непотребни. Во Македонија работите се одвиваат нормално, се градат коридорите 8 и 10д, партиите разговараат за внесувањето на бугарите во Уставот, нема парламентарна криза, владата функционира нормално. Тогаш, за што е потребна визитата на европарламентарците?
Веројатно за ништо, само да се забележи активност. Некаде понастрана, скриена на тајно место е идејата одново Бугарија и бугарските парламентарци да бидат понижени и вратени од границата, одново да ги гледама и слушаме патриотските баханалии низ македонскиот печат и медиите, одново да сме свидетели на понижувањето на бугарите во Македонија. Првиот пат Џамбаски, потоа, пред неколку дена Андреј Ковачев и д-р Врабевски, послужија за закрепнување на системот на владеење во Македонија, за одбрана на расклатениот авторитет на претседателот и премиерот. Ако и сега стане пак истото, по трет пат, тогаш нема оправдување за недокваканата политика на еден дел од бугарскиот естаблишмант.

Бугарија како член на Европската Унија, треба да влијае да се одложи посетата на делегацијата во Македонија, на неопределено време. Треба да се бара официјално извинување од македонската влада и председателот Пендаровски за формирањето на “црните листи“, со личности од европскиот парламент и дипломатски интегритет! Џамбаски, Ковачев и д-р Врабевски да добијат и лично извинување.

Треба да се знае дека навредите кон Бугарија не се од вчера. Уште за време на атентатот врз Киро Глигоров, непрестано беше обвинувана Бугарија, македонските бугари беа апсени и малтретирани, а беше посочувана и бизнис групата со руски капитали “Мултигруп“. Никогаш не се откри кој стои зад атентатот, но со сигурност се кажа дека тоа не е “Мултигруп“. Македонија и Глигоров никогаш не се извинија за купот навреди кон Бугарија и “Мултигруп“. Единствено шефот на групацијата Илија Павлов, беше повикан, на некоја недостојна коктел-парти со Глигоров и така работата заврши. Е, сега веќе не е така, ова не е истата Бугарија, а бога ми и Путиновата Русија не е таа која беше, ова е ново, европско време!

Бугарските политичари треба редовно да доаѓаат во Македонија, ова е земја на првите и навистина најблиски соседи. Но, да си заминуваат достојно, а не да бидат враќани од границите со некакви недоквакани објанувања, недостојни ниту за ученици во осмолетка. Треба да се напарави и повеќе. Во Европскиот парламент да се посочат виновниците во Македонија и да се потенцира подзаборавената вистина, дека Унијата е створена пред сѐ да служи на интересите на своите членки, а потоа на другите…ако за тоа има основи.

Ако така не може, по добро нека не доаѓаат…нема потреба и нивните гревови да паѓаат на нашите плеќи, си имаме свои, и гревови и проблеми, доволни за два живота!