Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против 37-годишен скопјанец за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
На обвинетиот му се става на товар дека на 03.11.2025 година, околу пладне, управувал автомобил „Фолксваген пасат“ по булеварот „Гоце Делчев“ во Скопје, но не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето.
Пред крстосницата со улицата „Лазар Личеноски“, на пешачки премин не ја намалил брзината и возел 53 км/час, односно повеќе од дозволеното во населеното место. Не можел навремено да запре и со предниот дел од возилото удрил во велосипед кој поминувал по пешачкиот премин. Од ударот, велосипедистот Јорго Ќука се здобил со тешки телесни повреди од кои починал на лице место.
За ова кривично дело е запретена затворска казна од најмалку четири години, односно настанот е квалификуван како најтешко кривично дело од областа на сообраќајот.
Текстот Поднесено обвинение за скопјанецот кој усмрти велосипедист на булеварот „Гоце Делчев“ е превземен од МАКФАКС.






















