Основното јавно обвинителство Скопје пред надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против две лица за кривично дело – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем. Станува збор за Драган Павловиќ Латас и јутјуберот Стефан Лазаров, а поради спорното интервју објавено на подкаст на јутјуб каналот на Лазаров.

Како што вели Обвинителството, двајцата обвинети преку компјутерски систем, ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство спрема жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста, се вели во соопштението.

Латас, гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како поткаст на Јутјуб канал на вториот обвинет, јавно промовирал чин на полово насилство, евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување. Водителот Лазаров, иако бил свесен за содржината, не го спречил или прекинал Латас, туку дополнително наведувал со коментари.

За ова дело е предвидена казна затвор од една до пет години, а поради опасност од бегство Обвинителството му предложило на судот да му се одземе пасошот на Латас.