Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против едно физичко и едно правно лице за кривично дело – бесправно градење на местото на поранешната стоковна куќа „Беко“ во центарот на Скопје.
Кривични пријави до Обвинителство за бесправното градење поднесе Општина Центар во 2020 година и во 2021 година.
„Обвинетиот, како одговорно лице – управител во правното лице, почнувајќи од 2018 година, без правосилно одобрение за градење издадено од надлежен орган, во име и за сметка на правното лице како инвеститор градел деловен објект на сопствено земјиште на улицата „Даме Груев“, општина Центар. За предметните две катастарски парцели, обвинетиот во 2016-та година добил одобрение за градење, кое се однесува на доградба и надградба на тогаш постојниот објект стоковна куќа ‘Беко’ Скопје со ширина од 28,5 м и должина од 42,5 м. Со стручно мислење за неисполнување на карактеристиките за носивост на доградбата и надградбата, во 2018 година тој обезбедил одобрение од Општина Центар за отстранување на постојниот деловен објект. Откако го урнал објектот, без да добие ново одобрение за градење, на лице место започнал и градел нов објект со димензии од 61 м х 34,5 м. Од градбата со нови димензии, која била проектирана како Деловен објект со намена Б-5 хотелски комплекси од 2-ра категорија на градби, без соодветно одобрение биле изградени две подземни нивоа“, соопшти Обвинителството попладнево.