Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против Самка Ибраимовски за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ откако на својот фејсбук профил упатил сериозни закани и повици за насилство кон судија на Уставниот суд.

Од МВР денеска информираа дека целосно го расчистиле случајот пријавен до Секторот за компјутерски криминал на 24.06.2024 од страна на претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, кој пријави закани по животот и безбедноста на судија на Уставен суд упатени од С.И. преку социјална мрежа.

– Веднаш по добиената пријава, МВР презеде соодветни мерки и беше извршен службен разговор со С.И. во СВР Тетово. Денеска (26.06.2024) Секторот за компјутерски криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против С.И. (69) за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ чл.144 ст.5 предвиденo и казнивo според Кривичниот законик. Пријавениот С.И. на својот фејсбук профил упатил сериозни закани и повици за насилство кон судија на Уставниот суд, информираат од МВР.