Катерина Илиевска и Филип Бундовски се годинешните младенци на традиционална „Галичка свадба“, која ќе се одржи по 47 пат. Покровител на годинешната Галичка свадба е Претседателот Стево Пендаровски, а Пивара Скопје го продолжува традиционалното партнерство со манифестацијата, кое непрекинато од нејзините почетоци, до денеска.
Официјалниот почеток на Галичката свадба ќе биде во сабота, на 17-ти јули, со поставување на свадбарското знаме и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Венчавањето на младенците ќе се изврши во недела, на 18-ти јули, во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“ во Галичник, а свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.
„Чест ми е што сум галичка невеста оваа година. Особено се чувствувам гордо што сум дел од оваа традиција на Галичка свадба која е една од најавтентичните свадби на Балканот па и пошироко“, рече Катерина Илиевска, невеста.
„Чувството е неописливо да се биде дел од оваа богата македонска традиција. Одговорноста е голема да се следат сите овие обичаи и да се испочитува се она што ни го оставиле нашите предци“, рече Филип Бундовски, младоженец.
„Освен што обезбедуваме финансиска поддршка која придонесува за континуитет на Галичката свадба, исто така обезбедуваме и соодветна количина на пијалаци за свадбарите“, рече Марија Мининчиќ, Пивара Скопје.