Австриската Влада во моментот разгледува ново, трето, целосно заклучување поради пандемијата на ковид-19. Новите рестрикциски мерки, според извештаите на медиумите засноваи на информации од владата, ќе стапат на сила од 26 декември и ќе траат до 10 јануари.

Министерството за здравство посочува дека работат на нова регулатива за деновите по Божик. Тие регулативи ќе бидат како неодамна завршените и се предвидува затворање на училиштата и на градинките кои, секако, ќе бидат на одмор во тој период, како и продавниците, освен оние за храна и аптеките.

Ќе се забрани и работа во услужните активности, а хотелиерството останува затворено.

Покрај тоа, во сила ќе биде и целодневен „полициски час“, мерка што во моментот се применува од 20 часот навечер до 6 часот наутро, со исклучок за пазарување, за помагање на други лица, за посета на лекар или за прошетка поради ментална и физичка состојба.

Канцеларот Себастијан Курц попладнево ќе разговара со членовите на неговата влада и со гувернерите на австриските покраини за новата уредба, што треба да биде усвоена во Парламентот следната недела.