Под притисок на јавноста, Владата одлучи да го повлече предлог законот за легализација на дивоградби кој е во собраниска процедура. Како што е познато, овој предлог закон помина во законодавниот дом, но претседателот на државата Стево Пендаровски не го потпиша указот. Владата веднаш потоа повторно го испрати до Собранието, но најави дека ќе спроведе јавна дебата.
Во официјалното известување се вели дека одлуката за повлекување на законот од Собранието е донесена врз основа на известувањето за спроведените активности поднесено од Министерството за транспорт и врски донесе Одлука за повлекување на Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, кој се наоѓа во собраниска процедура.
Во известувањето, кое го прифати Владата беше изнесено дека во изминатиот период ресорното министерство (МТВ) организираше работни средби со претставници на комори и асоцијации од областа на градежништвото, урбанизмот, претставници на граѓанскиот сектор и учествуваше во јавни дебати организирани од страна на останати субјекти, на кои беа дадени забелешки за одредени законски решенија и предлози и сугестии за нивно доуредување.
Министерството за транспорт и врски ќе изработи нов Предлог-закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, согласно дадените забелешки, соопштуваат од Владата.