Никола Груевски, Сашо Мијалков, Јордан (Орце) Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ се имињата на обвинетите за кои во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да започне судскиот процес во предметот познат во јавноста како „Плацови на Водно“.
Груевски е во бегство во Будимпешта, а Мијалков и Камчев треба да бидат спроведени од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари каде издржуваат мерка притвор – Мијалков во случајот „Трезор“, а Камчев во „Плацови на Водно“. Останатите обвинети, пак, се со полесни мерки на претпазливост.
Судскиот процес треба да го води судечки совет на чело со судијата Илија Трпков.
На експремиерот ќе му се суди за делата перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Бизнисменот Камчев, неговата мајка, како и Новачевски и Јосифовиќ, пак, се товарат за перење пари, додека Мијалков е обвинет за помагање во делото перење пари.