На првиот ден од Новата година, Лионел Меси влезе во последните шест месеци од договорот со Барселона.
Ова значи дека Аргентинецот од денеска може да започне преговори со други клубови, тој е слободен агент од наредното лето доколку не го продолжи договорот со Барселона.
Да потсетиме, Меси сакаше да го напушти клубот ова лето по конфликтот со претседателот Жозеп Бартомеу, но на крајот одлучи да остане и сезонава. Барса сака да го задржи и во наредните години, но засега не е познато дали ќе остане, и на лето сè е можно. Неговата одлука, пишува шпанскиот весник „Марка“, нема да биде под влијание на резултатот од претседателските избори во Барселона на кои според експертите Жоан Лапорта е најголем фаворит да биде прв човек на „Камп Ноу“.
– Манчестер сити чека нова шанса
Минатото лето Аргентинецот наводно бил на чекор до Манчестер сити во кој уште еднаш би соработувал со неговиот поранешен тренер Пеп Гвардиола. На „Етихад“ сè беше подготвено за доаѓањето на еден од најдобрите играчи на сите времиња, но не беше реализиран трансфер. Меси инсистираше на тоа дека Барса мора да го пушти, но клубот тврдеше дека играчот сепак има клаузула од 700 милиони евра и дека не може да замине за помала сума.
Но, нема да се откажат „граѓаните“, тие 700 милиони евра се премногу дури и за богатите шеици, а сега тие може да го добијат бесплатно. Сити веќе формирал преговарачки тим кој наскоро би можел да се сретне со луѓето на Меси и да го убедат да го смени клубот по 20 години.
– Меси го посакува Покетино
ПСЖ кој секогаш се споменува во контекст на големи трансфери и најскапи играчи, одеднаш се вклучи во приказната, но француската лига обично не е премногу привлечна за големите играчи. ПСЖ неодамна се раздели со Томас Тухел, а како негов наследник се шпекулира Маурисио Покетино. Аргентинецот е најголемиот адут на ПСЖ во обидот да го ангажира Меси, бидејќи Меси многу го цени својот сонародник, а „Марка“ тврди дека би сакал да работи со него.
Колку и да се игнорираат претседателските избори во ФК Барселона, истите многу ќе кажат околу иднината на Меси, а еден од „проблемите“ за Сити и ПСЖ би можел да биде Чави. Доколку легендарниот клупски играч на Барса ја преземе клупата на првиот тим, Меси во таков случај би останал во Барселона.