Во Бoсна и Херцеговина пристигна првата група граѓани на таа земја кои беа депортирани од американските власти откако претходно беа осудени за разни кривични дела, како дел од стратегијата на новата американска администрација за борба против криминалот и преполните затвори.
Според информациите на порталот „Репорт“, Ел Шаер Хани, Аладин Муминовиќ, Мухо Ахметовиќ и уште тројца осуденици биле депортирани во Босна и Херцеговина со авион.
Ел Шаер Хани е роден во Џеда, Саудиска Арабија, во 1983 година, но има и државјанство на Босна и Херцеговина. Тој беше осуден во Вашингтон за поседување нерегистрирано оружје со отстранет сериски број.
Според истиот извор, денеска се очекува да биде депортиран Аладин Муминовиќ, кој во 2019 година во Њу Хемпшир беше осуден за поседување нелегални супстанци. Во групата на депортирани е и Мухо Ахметовиќ, кој неколку пати бил осудуван во Кентаки и има вкупно четири пресуди.
Според податоците на властите во Босна и Херцеговина, вкупно 181 нивни државјанин треба да бидат депортирани од САД. Процесот на депортација се спроведува во координација со надлежните институции во Босна и Херцеговина, кои се одговорни за прием и понатамошен третман на депортираните лица.
Овие депортации се дел од пошироката стратегија на новата американска администрација, која одлучи да го забрза процесот на враќање на странските државјани осудени за злосторства. Американските власти нагласуваат дека целта на оваа мерка е да се намали криминалот и да се намали притисокот врз затворскиот систем во САД.