Во Брисел, денеска започна дводневниот Самит на Европската Унија за Западен Балкан, на кој учествува и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски.

На Самитот на кој учествуваат шефови на држави и влади на Европската Унија и од регионот на Западен Балкан ќе се разговара за пошироката Европа, Западен Балкан, Украина, апликациите за членство во ЕУ од Украина, Република Молдавија и Грузија, како и економските прашања и надворешните односи.

Пред состанокот на Европскиот совет, лидерите на ЕУ и Западен Балкан ќе се сретнат и ќе разговараат за перспективите за европската интеграција на регионот.

Како што е познато, според францускиот предлог подготвена е и преговарачка рамка, во која практично барањата на Бугарија ќе станат дел од преговорите. Според предлогот, меѓувладина седница со ЕУ ќе се одржи откако Северна Македонија во уставот ќе ги вметне македонските  Бугари. Дел од условите кои треба да ги исполни македонската страна во текот на преговорите и отворањето на поглавјата е и историјата.