Во Собранието денеска почна расправата во Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР) во безбедносната проверка на лицето Олександр Онишченко при давањето на позитивно мислење за добивање македонско државјанство.

– Причината за оваа седница е бидејќи во изминатиов период се соочуваме со непријатности поврзани со нашата работа. Собранието покрај законодавна, има и надзорна улога. Имаме случај во кој човек кој е на црната листа на САД, Република Македонија му дала државјанство, рече на почетокот на расправата претседателот на Комисијата Љупчо Пренџов.

Пренџов претходно најави дека директорот на АНБ Виктор Димовски ќе треба да објасни како службеници на Агенцијата го пропуштиле низ безбедносниот филтер Онишченко, кој е обвинет за корупциски зделки во Украина и ставен на американската „црна листа“.

– Тој е најповикан да одговори. Лично сум многу загрижен во врска со издавањето на македонски државјанства и на македонски пасоши веќе имам чувство дека секој втор криминалец има во џебот македонски пасош и според мене сметам дека тоа е сериозен предизвик и аномалија во безбедносниот сектор во државата, рече Пренџов.

Украинскиот државјанин Онишченко станал македонски државјанин како спортист во еквестријан по предлог на Коњичката федерација. Одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.

И премиерот Димитар Ковачевски изјави дека упатил барање до институциите, кои биле вклучени во донесувањето на позитивни мислења за доделување на државјанството на Онишченко, да поднесат извештај за тоа дали и како е спроведена процедурата.