Над 180 дечиња од Кратово, од пет до дванаесет години, се дел од годинашната забавна „Детска олимпијада Кратово 2024“.

– Спортско-забавната програма наменета за деца на возраст од 5 до 12 години, чиј фокус е развој на моторичките способности преку спортот, и социјалните и когнитивните способности, преку игра и забава е прва во Општина Кратово и се спроведува со 180 деца распоредени во неколку групи, во различни спортови. Се одржува на спортскиот отворен терен Мусала во организација на училишниот спорстки клуб „Кочо Рацин“, а е финансирана од Општина Кратово и останати локални фирми и поединци, информираат од Општина Кратово.

Забавната „Детска олимпијада“ има за цел ширење пријателство, еднаквост, промовирање на здрав начин на живот и спортска култура кај најмладите.

Програмата ја спроведуваат наставниците од основните и средното општинско училиште во Кратово, а од Општината ги повикаа сите млади и родители активно да се вклучат во активностите што ја пренесуваат пораката за пријателство и еднаквост во секојдневниот живот и на спортските терени.

„Детската олимпијада Кратово 2024“ ќе се спроведува по два дена во неделата до крајот на месецот.