Првакот Шкендија одигра вечерва само 0:0 на гости кај повратникот во прволигашкото друштво Брегалница од Штип, а без голови од гостувањето кај новиот прволигаш Тиквеш се враќа од Кавадарци и вицешампионот Шкупи, во два од петте воведни натпревари од новата сезона во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).
Премиерниот гол во новата сезона го постигна Арби Воша, кој со прецизен удар во 22 минута и донесе победа на Македонија ЃП на домашен терен против Пелистер од 1:0. Идентична победа пред своите гледачи забележа и Работнички над Борец со голот на Александар Ристевски во 29 минута, додека Ренова и Скопје ги поделија бодовите, одигрувајќи 1:1 (Селмани 73-Кироски 78). Премиерното коло од новата, 30-та сезона во ПМФЛ, вечерва во Струмица го заокружуваат Академија Пандев и Струга.