Во швајцарското одморалиште Бургеншток денеска почна мировниот самит за Украина, на чие отворање претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека замрзнувањето на конфликтот во Украина не е решение, туку рецепт за идни војни.

-Замрзнувањето на конфликтот денес, со окупирање на украинската земја од странски воени трупи, не е решение. Тоа е рецепт за идни војни. Наместо тоа, неопходно е да се поддржи сеопфатен, праведен и одржлив мир за Украина. Оној кој и го враќа суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, рече Фон дер Лајен, пренесоа британските медиуми.

Самитот на кој присуствуваат околу 100 делегации почна без францускиот претседател Емануел Макрон, кој доцни, пренесуваат швајцарски медиуми.