Министрите за европски прашања на земјите членки на ЕУ пристигнаа во Луксембург утрово за Советот за општи работи на кој сите очекуваат одлука за првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Повеќе министри упатија поддршка за Северна Македонија и Албанија пред почетокот на состанокот и побараа да не се блокираат овие две земји со оглед на постигнатиот реформски напредок кој треба да биде награден.
Бугарија меѓутоа за сега не дава знаци дека ќе попушти и покрај португалскиот дипломатски обид за медијација, а повеќето земји членки не се подготвени да ги одвојат Скопје и Тирана во овој дел од процесот.
Словачкиот државен секретар во Министерството за надворешни работи и европски прашања, Мартин Клус, изјави дека за Словачка процесот на проширување е многу важен и посочи дека денеска ќе се бара начин да се деблокира патот кон ЕУ за Северна Македонија и Албанија.
-Со нетрпение очекувам позитивен одговор затоа што во прашање е кредибилитетот на ЕУ во регионот, кој е многу важен за Словачка, рече Клус.
Германскиот државен секретар Михаил Рот ја повтори германската позиција дека билатералните прашања не смеат да го попречуваат процесот на проширување, додека Литванија оцени дека политика на проширување и напорите на земјите кандидати не смеат да бидат компромитирани.
Охрабрувачки пораки пристигнаа и од Ирска чиј министер нагласи дека очекува исчекор денеска во политиката на проширување.