Општина Ѓорче Петров почна со имплементација на проектот „UrbanGreenLeap – Мултифункционален пилот-парк во Волково“, поддржан преку Interreg Euro-MED програмата, кофинансирана од Европската Унија.

Од Општината информираат дека проектот има за цел да создаде современ мултифункционален зелен простор во населбата Волково, кој ќе претставува пример за одржливо урбано уредување, комбинирајќи рекреација, едукација и заеднички активности на граѓаните.

Цели на проектот се јакнење на капацитетите на локалната самоуправа за одржливо управување со зелените површини, поттикнување активно учество на граѓаните во процесите на урбано планирање, развивање урбани планови кои ја интегрираат природата и биодиверзитетот во секојдневното живеење и подобрување на зелената инфраструктура и намалување на ефектите од климатските промени.

„Со овој проект започнуваме нова страница во односот кон зелените површини. Волково и Ѓорче Петров добиваат пример за урбан, модерен и одржлив развој кој ќе ја интегрира природата во секојдневното живеење“, изјави градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

Вкупен буџет за проектот е 2.388.555,00 евра, и истиот е финансиран од Interreg ЕУ фондовите во износ од 1.910.844,00 евра. Период на имплементација е од 01.04.2025 до 31.12.2027.

Текстот Почна имплементација на проектот „UrbanGreenLeap-Мултифункционален пилот-парк во Волково“ е превземен од МАКФАКС.