Еден ден пред вториот круг од локалните избори, денеска право на глас остваруваат болни и изнемоштени лица, затвореници, лица во старски домови и оние во домашен притвор во општините каде што се гласа за градоначалници.
Според ДИК, пријавени се вкупно 4.826 болни и изнемоштени лица кои гласаат преку подвижни избирачки одбори. Најмногу пријавени има во Кичево – 823 гласачи.
Гласањето денес се спроведува и во казнено-поправните установи и кај лицата во домашен притвор, додека утре ќе гласаат сите граѓани во 32 општини и Град Скопје, каде што се избираат нови градски раководства.
Во Општина Шуто Оризари повторно ќе се гласа на три избирачки места за советници, поради нерегуларности на изборите од 19 октомври.
Право на глас во вториот круг имаат 1.013.357 гласачи. Изборната кампања заврши синоќа на полноќ, а во тек е изборниот молк, кој трае до утре во 19 часот.
Очекувањата се високи, бидејќи се смета дека ова е еден од најнеизвесните втори изборни кругови што ќе ја дефинира новата локална политичка карта на државата.























