Комисијата за финансирање и буџет како матична собраниска комисија денеска ја почна амандманската расправа по Предлог-измените на Законот за додадена вредност со кои за годинава се предлага намалување на ДДВ-то за електрична енергија од 18 на 5 проценти.
Пратениците расправаа по првиот амандман поднесен од ВМРО-ДПМНЕ со кој се бара стапката на данокот на додадена вредност за електрична енергија од пет проценти да важи не само за домаќинствата, туку и за компаниите и за индустријата.
Претседателот на Комисијата Тимчо Муцунски апелираше до пратениците од парламентарното мнозинство да го прифатат амандманот бидејќи, како што рече, тие се во интерес и на граѓаните и на стопанството. Според Муцунски, со предложениот закон, цената на струјата не се намалува, туку само се одржува.
– ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи намалување на ДДВ-то, но бараме тоа да биде посеопфатно од она што е предложено во законот, рече Муцунски.
Заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски посочи дека намалувањето на ДДВ-то се однесува на домаќинствата на регулираниот пазар и оти ваквата интервенција на Владата, која се прави за првпат, е во интерес на граѓаните.
– Одлуката за цената на струјата ја определува Регулаторната комисија за енергетика и тука Владата нема влијание, но можеме да влијаеме врз ДДВ-то и затоа имаме предлог за намалување на даночната стапка од 18 на 5 проценти со што ќе овозможиме цената на електричната енергија кај финалниот потрошувач да не се почувствува, рече Ковачевски.